Буџетот 2019 во Собрание – Опозицијата обвинува за популизам, власта најавува раст

Жестока расправа за Буџетот за 2019 на матичната комисија во Собранието, опозицијата со силни критики, го нарече мегаломански, надуван, најголем досега, популистички, навистина социјален, но целосно неразвоен. Ја обвинија власта дека ќе ги зголемува платите на административците, не затоа што и се битни, туку дека в година ќе има претседателски избори. Предвидуваат најлоши економски сценарија. Вашите пулени од Шарената револуција не обвинуваа за презадолженост за долг од 4,7 милијарди евра, а вие го зголемивте на 5,1 милијарди, и планирате и натаму да расте. Кој е сега виновен, немојте да ги лажете граѓаните.

„Едно е да излезете на улица и да шарате фасади за да дојдете на власт, ама на власт треба да се работи, нема играчки, требаше да го подобрите животот на гражаните, божем лош од претходната власт, но вие тоа не го направивте, ниту ќе го направите, ако го направите, јас ќе излезам и ќе ве пофалам“, вели Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ.

Опозициски напади и за најавата за зголемување на даноците. Министерот Тевдовски им возврати дека парите од прогресивниот данок се потребни за повисоки социјални трансфери, за граѓаните да се извлечат од сиромаштија. Тврди дека младите нема да си заминат заради прогресивното оданочување, бидејќи и досега оделе во земји не со пониски, туку со повисоки даноци. Успеа и да ги налути опозиционерите.

„Ќе има дебата кога ќе дојде законот. Но, ако се противите на праведното оданочување, вие се ставате на страната на тие што имаат највисок доход“, вели министерот Тевдовски.

Критики и за пониски земјоделски субвенции, слаби вложувања против загадувањето, но и за нереализирани капитални инвестиции.

„Еден ваш градоначалник напишал не дека изградил еден километар пат, туку напишал 1000 метри, за да изгледа повеќе“, рече Кузмановска.

Министерот вели – од вас наследивме закочени проекти, ние ги завршуваме. Пример е Железницата на Коридор 10.

„Таа требало да заврши во 2016, нод од ВМР наследивме 20 отсто во мај 2017. Се соочивме со закочени проекти, ги завршуваме, Битола Кременици железницата со години заостаната, со проблеми, ќе биде завршена до крајот на годината“, вели Тевдовски.

Народниот правобранител Иџет Мемети со пофалби за власта, конечно го зголемила буџетот за оваа институција за да се обезбеди заштита на човековите права.

Опозицијата најави бројни амандмани. Владејачката ДУИ сакаше да зборува за буџетот, но пратеникот Реџали Исмаили мораше да замине на прослава на денот на албанското знаме. Седницата на матичната комисија за буџет, која треба да трае најмногу 10 дена, продолжува во петок, но наредната недела се очекува голема пауза, бидејќи во сабота почнува втората фаза од расправата за уставните измени.

Буџетот за 2019 е тежок 3,7 милијарди евра, предвидува раст од 3,2 отсто, што според министерот е блиску до проекциите на ММФ и Светска банка, и дефицит од 2,5 проценти од БДП.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ