Аднан Ќахил исклучен од партијата, ќе остане ли министер?

Лани ова време, Аднан Ќахил му ја отстапи на Енес Ибрахим претседателската фотеља во која седеше цели 20 години. Една година подоцна, наследникот го исклучи менторот од партијата и побара од премиерот да го разреши и од функцијата министер без ресор. Заедно со Ќахил, без партиска книшка останаа уште 18 лица.

Официјалното образложение е дека, „почесниот претседател и останатите исклучени членови ги отфрлаат програмските одределби и партискиот статут и го нарушуваат угледот на партијата и етничката заедница што ја претставуваат“. Неофицијално, од партијата велат и дека, Ќахил има многу афери и како министер, но дека ќе остават со тоа да се позанимаваат органите на прогонот. Тврдат дека токму тој е еден од двајцата министри за кои пред неколку месеци и премиерот објави дека се вмешани во корупција. Ќахил, пак, се заканува со тужби и негира вмешаност во какви било афери, велејќи дека тоа е конструкција на актуелниот претседател на партијата.

Владиниот портпарол, пак, прашањето за разрешувањето на министерот го препрати на друга адреса.

Премиерот денеска ги одбегна новинарите. Случајот, пак, со коруптивните министри  никогаш не доби судска разрешница, а јавноста не ги дозна нивните имиња.

Далиборка Дамјанска Цветановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ