
Наташа Габер Дамјановска нова директорка на Академијата за судии и јавни обвинители
Нова директорка на Академијата за судии и јавни обвинители е професор доктор, Наташа Габер Дамјановска. Таа беше поранешен член на Уставниот суд, а беше избрана со двотретинско мнозинство од деветмината членови на Управниот одбор. Противкандидати и беа Мирјана Лазарова-Трајковска, Наташа Габер-Дамјановска, Елена Андреева и Александар Маркоски.
На денешната седница не беше избран заменик директор на Академијата, поради неисполнување на условите на единствениот пријавен за оваа функција. Габер Дамјановска е избрана на местото на претходната директорка Анета Арнаудовска, која директорската функција ја вршеше од октомври 2006 година до октомври годинава. Покрај нејзиниот научен опус од областа на правото и политикологијата, Габер-Дамјановска во стручната и пошироката јавност како уставна судијка е позната по нејзините издвоени мислења.
Првично седницата беше најавена како затворена, на што вчера реагираше Здружението на новинари на Македонија оценувајќи дека спречувањето на новинарите да ја следат расправата е обид да се работи зад грбот на јавноста и фрла сенка врз процесот на избор на новиот директор.