Бегалецот Груевски остана без имунитет, но ќе продолжи да зема пратеничка плата

Вака одлучи парламентарното мнозинство без расправа на попладневната седница што траеше само 15-тина минути. Со тоа, доколку Никола Груевски биде екстрадиран во Македонија, или на некој друг начин стане достапен за органите на прогонот, ќе треба да оди во притвор.

Претседателот на Комисијата за мандатно-имунитетни прашања, Павле Богоевски, на претпладневната седница, изрази жалење што системот не успеал да обезбеди издржување на казната затвор, а пратениците се нашле во контрадикторна ситуација да одлучуваат за притвор на осудено лице кое е во бегство.

Членовите од ВМРО ДПМНЕ не присуствуваа ниту на комисијата ниту на пленарната седница. За нив, азилот на Груевски е показател за каква власт се работи.

Откако Груевски избега од земјата за да не издржува затворска казна за набавката на мерцедесот, Судот одлучи да ги зајакне мерките на претпазливост. Побара притвор за шест предмети: за изборни нерегуларности, за Шамарите во Центар, за автопатите, за уривањето на Космос, за нелегално финансирање на партијата и за изградбата на партиското седиште.  За овие предмети ќе му се суди во отсуство, а во меѓувреме го задржува мандатот.

Ќе продолжи да зема пратеничка плата намалена за 5 одсто поради неоправдано отсуство. По шест месеци, Собранието повторно може да се обиде да му го земе мандатот, но и тогаш ќе биде неопходно двотретинско мнозинство.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ