Секоја трета жена е жртва на физичко или сексуално насилство од партнерот

Вечерва мора да умреш. Со оваа закана партнерот се обидел да ја убие својата девојка во семејниот дом. Јавното обвинителство за ова убиство во обид денес поднесе кривична пријава за маж од Скопје кој ја прободел партнерката со кујнски нож. Насилството врз жените и убиства извршени од партнерот или член на семејството се во нагорен тренд.

Новата кампања „Слушни ме и мене“ во наредните две недели ќе се обиде да го сврте вниманието кон овој тежок општетствен проблем. Со поддршка на обединетите нации жените ќе може да ги споделат своите искуства за што поголем број на жртви да се охрабрат и да ги пријават случаите на насилство.

Во Македонија жртвите ретко се одлучуваат на покренување судски процес бидејќи по разводот има опасности за реваншизам и продолжување на насилството, а следи и дополнителна виктимизација.

Нападите, психолошките тортури, демнењето и другите форми на насилство врз жените не добиваат соодветна правна разрешница, а според здруженијата за заштита најчесто во судските процеси се изрекуваат само минималните казни за кривичните дела. Не се води ниту официјална статистика за бројот на фемициди.

Според статистики на ОН дневно во светот се убиваат над 130 жени од нивни блиски луѓе. Секоја трета жена е жртва на физичко или сексуално насилство од партнерот. Овие бројки застрашувачки се поклопуваат и со македонските состојби каде многу жени се жртви.

„Едно поново истражување на ОБСЕ за насилството врз жените во државата покажува дека 14% проценти од жените биле жртва на физичко или сексуално насилство откако наполниле 15 години, од партнер или од друго лице. Околу 44% од жените биле жртви на психолошко насилство од интимен партнер, 3 од 10 жени биле жртви на сексуално вознемирување, а 1 од 10 жени тоа го доживеала во последните 12 месеци. 7% од жените биле следени од демнач, посочи Амбасадорот на ОБСЕ, Клеменс Која.

Во портокалова боја голем број на активисти и поддржувачи се приклучија на кампањата  со цел да се најдат системски решенија и да се смени општествениот став кон родовото насилство како апсолутно неприфатливо.

Христијан Станоевиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ