
Со гасификација на домовите и контрола на фабричките оџаци против аерозагадувањето, порачуваат експертите
Гасификација на домовите и контрола на труењето со гасови од фабричките оџаци – експертите сметаат дека со тоа треба да започне борбата против екстремното загадување на воздухот.
За фелата, мерките со налепници на возилата според тоа колку загадуваат, само ќе удрат по џебот на посиромашните, но нема да дадат ефект.
Според претседателот на Центарот за енергетска ефикасност, Константин Димитров, ако се вложат пари ќе има и резултати. Но, апелира надлежните да покажат повеќе волја. Проблемот со загадувањето на воздухот да се анализира на време, а не кога ќе дојде сезоната.
Димитров смета дека луѓето треба повеќе да придонесат за вистинско искористување на енергијата. Но, властите да им овозможат правилни извори на енергија, како што е гасот.
Голем дел од градовите и селата во државата досега требало да имаат гасификација. Но, немаат. Тоа е така поради неажурноста во градењето на гасоводните мрежи и одложувањето на работите од страна на надлежните, вели Димитров.
Политичките партии наместо да понудат конкретни решенија, се обвинуваат кој е виновен за тоа што граѓаните низ целата држава секојдневно дишат екстремно загаден воздух.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ критикуваат, но не даваат свои предлози за справување со аерозагадувањето. Алармираат дека болниците секојдневно се полнат со нови пациенти, кои имаат проблеми со здравјето заради дишење на загадениот воздух.
Од владејачката СДСМ, пак, се правдаат и даваат отчет за своите мерки. Се фалат со зголемен инспекциски надзор и контрола на дивите депонии во Скопје, како и тоа дека работат и на проширување на топловодната мрежа.
Додека голем дел од мерните станици за квалитетот на воздухот не работат и чекаат да бидат сменети, на апликацијата “Мој воздух” граѓаните дневно се информираат за концентрацијата на ПМ10 честичките. Таму тие можат и да пријават кога ќе забележат директно загадување на воздухот. Со црвени точки на мапа се претставени сите загадувачи кои се пријавени од корисниците.
Петар Догов