Бегството на Груевски ги раскара Судскиот совет и Кривичниот суд

Судскиот совет очекува одговори од Кривичниот суд за процедурата околу бегството на Груевски, а доколку не ги добијат до утре планираат и визита во Кривичниот суд, тврди за Телма, претседателот на судскиот совет Зоран Караџовски.

Од судот не ги подготвиле одговорите затоа што сметаат дека Караџовски нема надлежност да истражува и да бара информации како што барал во случајот за бегството на Груевски. Во Кривичниот суд се чудат и зошто Караџовски кој не презеде никакви активности за влијанието на власта предводена од бегалецот Груевски врз судството одеднаш се разбудил, а претходно ги преспа и скандалите со АКМИС и со поранешниот претседател на кривичен. Иако со две спротивставени мислења , извептајот за евентуални судски грешки го чекаат и во јавното обвинителство каде го истаржуваат бегството на поранешниот премиер. Полицијата пак треба да ги најде сите снимки од камери низ Скопје за да утврди дел од движењето на бегалецот.

Досега во обвинителството не се предадени снимки на кои се гледа движење на Груевски, во периодот кога бегал. Едно е сигурно дека тој излегол со автомобил од гаражата, а од полицијата се уште не го известиле обвинителството каде потоа се упатил. Траекторијата на бегството до македонско-албанската граница не се уште не е утврдена. Дојче веле на македонски пак објави дека на 8-ми ноември доцна вечерта, Груевски излегол од хотелот Мериот заедно со Миле Јанакиески и Кирил Божиновски. Таа вечер беше крајниот рок за екс премиерот да се пресели во Шутка на две години. Извори вклучени во истрагата тврдат дека Груевски одлично ја криел намерата за бегството кое го планирал, а тој дури и се подготвувал за затвор и праќал повеќе соработници и обезбедувачи да му купуваат тренерки, патики и друга гардероба за таа потреба.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ