Шилегов: Влегувањето на Скопје во втората фаза за најзелена престолнина на Европа е знак дека навистина сме на добар пат

По многубројните реакции на социјалните мрежи дека е парадоксална кандидатурата на Скопје за најзелен град во Европа, бидејќи во исто време Скопје е и меѓу најзагадените градови се огласи и градоначалникот Шилегов.  Според него влегувањето на Скопје во втората фаза за најзелена престолнина на Европа е знак дека навистина сме на добар пат, бидејќи извршениот скрининг на Европската комисија за позициите на градот го потврдува тоа.

„Параметрите кои се мерат во апликацијата за зелена престолнина се во 12 различни области од една страна, од друга страна се гледа што е појдовната точка на градот да речеме пред една година кога јас дојдов за градоначалник што е преземено во текот на таа година и каква е стратегијата за развој односно, справување и со загаденоста и со зголемување на зеленилото. Зелена престолнина не е само зеленило тоа е начин на функционирање на градот, сите мерки кои ги преземавме во текот на оваа година кои некаде беа добро пласирани некаде не беа добро пласирани“, кажа Петре Шилегов, градоначалник на Скопје.

Градот Скопје аплицираше уште во октомври и самиот факт дека влезе во осумте градови кои конкурираат за најзелена престолнина во Европа е потврда за напорите кои се вложуваат во изминатиов период, смета Шилегов.  Во врска со енермното загадување Шилегов забележа дека е невозможно инстант решение за кус период за проблем кој е создаван со децении наназад, но интензивно се работи во три сегменти за негово надминување со енергетската стратегија на градот, стопирање на одредени градежни активности  и алтернативниот начин на превоз.

Нина Стефанова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ