
Не се чувствуваат виновни 11-те обвинети во случајот поврзан со смртта на Тамара
Не се чувствуваме виновни. Вака се изјаснија единаесетмината обвинети во предметот поврзан со смртта на малата Тамара Димовска од Велес. Докторите од лекарските комисии и поранешните директори на Фондот за здравствено осигурување во судница конечно го слушнаа обвинението. Ги товари за несовесно работење во службата, тие го разбираат, но сметаат дека никаде не згрешиле. Спротивно на нивното тврдење во обвинението пишува дека е очигледно несовесно постапувале и го повредиле правото на девојчето за лекување во странство.
„Детето не било упатено на лекување во странство со што се оневозможило со соодветни оперативни зафати да се изврши ослободување на пршлените, тракција и истегнување, па исправување на рбетниот столб и на крај поставување на шрафови покрај рбетниот столб, како би се спречило понатамошно влошување на состојбата на функционалност и капацитет на белите дробови и овозможување на простор за нивен развој во текот на следните години, по што како резултат на воспаление на белите дробови во склоп на постоечките хронични промени дошло до пореметување на гасната размена и настапување на смртен исход“, наведува Основното јавно обвинителство.
Судењето за случајот со Тамара Димовска, започна после 6 несупешни обиди, откако се одлагаше некогаш поради неподготвеност на обвинителство, некогаш поради отсуство на некој од обвинетите. Следното рочиште е закажано за на 5 декември и на ред е доказниот материјал. А листата докази го вклучува образложението на обдукцијата од што починало девојчето, но и целата историја на нејзината болест.
Според обвинението првостепената комисија одлучувала без ортопед во својот состав и задоцнила со одлуката. И второстепената одлучувала без ортопед во составот, а и двете едногласно донеле негативно решение кое било спротивно од мислењето на Стручниот Конзилиум од Универзитетската клиника за трауматологија.
Билјана Николовска