
Помирувањето и уставните измени неизвесни по апсењето на Мијалков
Уште непомирени, пак се скараа. Додека осуммината екс ВМРО -вски пратеници го куцаа законот за помирување за 27-ми април, МВР го уапси Сашо Мијалков. Претходно во притвор завршија и Миле Јанакиески и Кирил Божиновски, што кај нив побуди сомнеж во добрите намери на владата.
Чие било приведување не оди во прилог на процесот за помирување. Ние ќе почекаме да се врати од пат потпретседавачот на собраниското тело за помирување, по што ќе побараме координативна средба. За нашите понатамошни чекори ќе одлучиме по средбата, вели пратеничката Емилија Александрова.
Александрова беше меѓу пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои гласаа за уставните измени, за што подоцна беше и исклучена од партијата. Вели дека е шпекулација тврдењето дека, во моментот на апсењето, таа и нејзините седуммина колеги седеле со Мијалков, за кого, пак, претходно се тврдеше дека дека токму тој ги убедил да дадат поддршка за Договорот од Преспа. Не сака да коментира дали по приведувањата ќе има промена и во нивниот став за уставните измени.
Министерот за внатрешни работи, пак, вели дека тие две работи не треба да се мешаат.
Потпретседавачот со Комисијата за помирување, Фросина Ременски утре се враќа во државата, по што се очекува и состанок на ова тело. Уставните измени на 1-ви декември повторно ќе се најдат пред пратениците, а законот за помирување требаше да биде изгласан до средината на истиот месец.
Далиборка Дамјанска Цветановска