
Преговарачите веќе нема да се среќаваат со Нимиц
Преговарачите за спорот околу името, Васко Наумовски и Адамантиос Василакис, веќе нема да се среќаваат со посредникот Метју Нимиц. Преговорите за името ќе ги водат делегации од МНР предводени од министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас, потврдија за Телма, извори од македонското МНР. Во оваа фаза поинтензивно ќе комуницираат и директорите за Балкан во Министерствата, Александра Миовска од македонска и Софија Грамата од грчка страна. И двете дипломатки веќе биле присутни на последната рунда преговори во Њујорк и се добро упатени во преговарачкиот процес, велат истите извори.
Посредникот Метју Нимиц, кој најверојатно, за десетина дена ќе ги посети Атина и Скопје, ќе се сретне со министрите за надворешни работи. Министрите Димитров и Коѕијас, по последната нивна средба во Солун, веќе најавија дека преговорите ќе се одвиваат со подиректна и поинтензивна комуникација меѓу нив.
По последната рунда преговори во Њујорк, амбасадорот Васко Наумовски, го нарече пакетот што го предложи Нимиц недостоинствен. Изјава што беше оценета како дипломатски пропуст, бидејќи не е пракса преговарачот да ги оценува идеите од преговарачката маса.
Во изјава за МИА сега, од Владата велат дека веќе ги разгедуваат предлозите на Нимиц, а како што убедуваат од таму ќе се обидат процесот да биде што поинклузивен.
„Владата на Република Македонија веќе работи на анализата и консултациите во однос на рамката доставена од медијаторот Метју Нимиц. Во наредниов период ќе вложиме напори за што е можно по инклузивен процес со вклученост на сите релевантни политички фактори во земјава, а се во насока на градење заеднички приод, став и стратегија“, велат од Владата.
Дел од дипломатите во Скопје сметаат дека во решавање на спорот со името треба да учествува целото општество.
Инаку се очекува за името да разговараат и двајцата премиери, Зоран Заев и Алексис Ципрас на економскиот форум во Давос, што почнува утре. Ова ќе биде прва нивна средба, која се случува во период кога и двајцата даваат оптимистички изјави дека долгогодишниот спор може да се реши.
Билјана Николовска