
Неизвесно присуството на Мијалков на денештното рочиште за „Тврдина -Таргет“
За денеска е закажано ново рочиште за случајот „Тврдина-Таргет” на Специјалното јавно обвинителство. Во овој случај за масовното прислушување еден од обвинетите е и Сашо Мијалков, поранешниот директор на УБК, кој од вчера е во 30 дневен притвор. Тој денеска ќе треба да биде донесен од Шутка на закажаното рочиште во 10 часот, но неговото присуство сепак е неизвесно.
Решението за притворот е донесено на барање на СЈО, токму за случајот Тврдина-Таргет, поради опасност од бегство. Мијалков беше приведен вчера во 19.30 часот, во хотелот Мериот во ценатрот на Скопје. Според очевидци, тој не давал отпор, апсењето поминало мирно и Мијалков со лисици на рацете бил изнесен од хотелот.
Како што јави и Телма, полициското присуство било зголемено. Најмалку 20 припадници на единицата Алфи биле ангажирани за приведувањето на Мијалков. Од таму, тој е однесен во истражниот затвор во Шутка. Освен за предметот „Таргет-Тврдина“, поранешниот шеф на УБК е обвинет и во неколку случаи на СЈО, како „Трезор“, „Тортура“ и „Титаник 2.“