Недостиг од обвинители, задоволни од сработеното – извештај на Јавното обвинителство за 2017 година

Јавното обвинителство има недостиг од кадар и потребно е доекипирање, стои во извештајот за 2017 година кој денеска го објави Јавното обвинителство. Сепак тие се задоволни од сработеното бидејќи во текот на минатата година решиле над половина од доставените пријави.

Според одлуката на Советот на јавни обвинители предвидено е во сите обвинителства да работат 251 јавен обвинител а во моментот таа функција ја извршуваат 197 обвинители. Јавното обвинителство пак смета дека бројот на обвинители треба да се зголеми на 274  што значи дека се потребни уште 77 обвинители.

Според податоците во извештајот минатата година се решени 56% од вкупниот број на пријави. Од пријавите кои се останати во процедура најголем број се на подрачјето на Вишото јавно обвинителство Гостивар и Вишото јавно обвинителство Скопје.

Од обвинителството соопштуваат дека стапката на успешност е 90 отсто во поглед на осудителни пресуди по поднесени обвиененија и додаваат дека во 2017 година е побаран притвор за само 1,5 отсто од случаите или за вкупно 451 лице.

Примената на посебни истражни мерки во текот на минатата година била користена во 71 случај а биле опфатени 289 лица. Најчесто користена ПИ мерка била следењето на телефонската и електронска комуникација а трањењто било од еден до девете месеци. Според изјештајот на обвинителството ПИ мерка била користена и во еден случај кај осомничени во настаните од 27 април.

Во извештајот е наведено дека е потребно обвинителствата веднаш да  добијат свои објекти.

Проблемот со просторните капацитети не е само од аспект на недоволен простор, туку од немање сопствен простор. Најголем број од просторните капацитети во кои се сместени јавните обвинителства се наоѓаат во зградите на соодветните основни односно апелациони судови, велат од јавното обвинителство.

Покрај недостиг од обвинители, од јавното обвинителство потенцираат дека им недостасуваат и административни службеници кои се неопходни за непречената работа на обвинителите.

Огнен Чанчаревиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ