
Груевски му телефонирал на Вучиќ по инцидентите на 27-ми април и случајот Живаљевиќ
Српскиот претседател во телевизиско интервју изјави дека порано со Никола Груевски често имал контакти и дека поранешниот премиер на Македонија го контактирал кога биле инцидентите во Собранието. Вучиќ тврди дека Груевски го повикал за да ја смири состојбата и тој (Вучиќ) да повика на мир затоа што луѓето му верувале.
По крвавиот четврток беше откриено дека српскиот дипломат и разузнавач Живаљевиќ бил во Собранието по што скандалот се заврши со „тивка“ дипломатија и повлекување на офицерите за разузнавање од двете амабасади, српската во Македонија и од македонската во Србија.
-Овие денови не сум се чул ниту со него (Груевски) ниту со неговите луѓе. Со Заев воспоставив нормални односи и Србија нема лоши односи со Македонија. Тие ни се еден од најблиските народи и добри односи допрва ќе имаме, изјави Вучиќ во интервју за српската ТВ Хепи, каде го откри целиот пат на бегањето на Груевски кој според него почнал на македонско-албанската граница ноќта сабота кон недела. Вучиќ тврди дека и тогаш Груевски бил во придружба на двајца Унгарци, иако унгарските власти негираат дека го изнеле екс премиерот од Македонија.