Вучиќ тврди дека Груевски патувал секогаш во унгарско друштво дури и кога во сабота ноќе ја поминал границата кон Албанија

Српскиот претседател Александар Вучиќ доцна вечерва во телевизиско интервју изјави дека Груевски ја преминал границата меѓу Србија и Унгарија рано наутро на 12-ти ноември во придружба на двајца Унгарци и со привремен документ.

-На 12-ти ноември (понеделник) во 5 и 11 часот именуваното лице ја напушти Србија преку преминот Хоргош со пасаван број 100.501 издаден во Тирана, со лична карта и во придружба на две лица со дипломатски документи и со дипломатско возило, изјави Вучиќ во интервју на ТВ Хепи, а пренесува Танјуг.

Ова е првпат, српско официјално лице да објави и да потврди дека Груевски при бегањето ја преминал Србија и на кој начин. Пасаван е привремен документ кој го издава амбасада доколку лицето на чие име гласи пријави дека ја изгубило патната исправа. Со пасаван издаден во Тирана, Груевски успеал да стигне до Унгарија и да побара азил во Канцеларијата за емиграција во Будимпешта.

Вучиќ тврди дека за бегалската епопеја низ Балканот на Груевски, не е виновна ниту Србија, ниту Црна Гора ниту Албанија туку македонските власти кои му дозволиле да избега без да распишат меѓународна потерница по него.

-Дури на 13.11. во 19.35 часот од Интерпол Скопје ни беше доставена потерница. Значи, доколку го сопревме тоа ќе беше киднапирање на Груевски од наша страна. Три дена подоцна. Кого вие зафркавате. Барате Србија да апси луѓе без потерница. Да не мислите дека ние сме дива држава, дали тоа го очекувате наместо да се прашате кого пуштивте и зошто толку чекавте, рече Вучиќ во интервјуто.

Српскиот претседател смета дека патот на Груевски бил легален и со важечки документи. Меѓутоа Вучиќ тврди и дека македонско-албанската граница заедно со Унгарци.

-На 10-ти ноември (сабота кон недела), во текот на ноќта, некаде меѓу 1 и 2, немаме официјални податоци, лицето Никола Груевски влегува на територијата на Албанија, влегува во придружба на две лица од унгарска националност и влегуваат  во Црна Гора, на преминот Божај, повторно со регуларни документи и со пасаван издаден во унгарската амбасада во Албанија. Потоа влегува во Србија на 11-ти ноември во 22:27 преку граничниот премин Гостун повтроно со важечка лична карта, изјави Вучиќ.

Ова е првпат некој да тврди дека унгарски службеници го придружувале Груевски при излегувањето од Македонија и влегувањето во Албанија. Унгарските власти досега единствено официјално само тоа го негираа, дека му помогнале да ја премине македонско-албанската граница. За сите останати тврдења дека го носеле Груевски со дипломатски возила, унгарската влада досега не се изјасни.

Македонските власти пак досега не соопштија никакви детали како Груевски успеал да излезе од Македонија и да премине во Албанија.

 

 

 

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ