
Најфотографираниот трактор во Македонија заглавен во судските лавиринти
Наместо да ораат и со него да заработуваат, тракторот на семејството Најдови од кавадаречкото село Марена, веќе трета година по ред им стои како споменик во дворот. Судската сага за тракторот кој во салон го платиле како нов, а фирмата им испорачала стар со над 20 дефекти продолжува. Отако Телма пред една година ја објави приказната, супервештачењето докажа дека во овој трактор има повеќе фарбани и рѓосани делови, кои се стари и неколку децении, а Основниот суд во Кавадарци донесе одлука во корист на Најдови, сега скопска Апелација по жалбата на фирмата од која го купиле, повторно го враќа предметот кај првостепениот суд.
Најдови за она што купиле дознале по контролата на државната агенција за финансиска поддршка на земјоделство, кои им укажале дека во дворот им стои стар трактор, а не нов. Старите и фарбани делови во внатешноста за нив не биле видливи со голо око. Вредните браќа се чуствуваат измамени, бидејќи кога влегле во салонот имале комплетна доверба дека ќе си купат нова машина.
Ова семејство обработува лозје, а егзистира и од производство на раноградинраски производи. Тракторов е еден од најфотографираните во земјава по неколкуте вештачења, а на нива има работено само 18 часа. Откако е утврдено дека е стар и трае судската постапка си стои гаражиран. Закажано е ново судско рочиште во судот во Кавадарци, кон крајот на месецов. Инаку случајот на Најдови не беше единствен во земајва. Платежната агенција констатирала дека 12 индивудуални земјоделци во земјава на македонски фирми и дистрибуитери платиле за нов, а добиле половни и репарирани трактори.
Викторија Димитрова Јованова