
Телото за помирување ќе предложи амнестија
Телото за помирување, ќе предложи амнестија за оние кои не извршиле насилство на 27-ми април, дознава Телма од извори во ова собраниско тело. Наредната недела, телото за помирување ќе се состане, за да ги договори контурите на нов закон за амнестија, за оние кои учествуваа во упадот на Собранието од 27 април. За сега не се знае дали ќе се вика закон за амнетија, за помирување или некако поинаку, но идејата на законот е, да се изнајде правен начин, и да се обезбеди правда, за сите кои не извршиле насилство, а учествувале во мирни протести, и тој ден, но и во претходните три месеци.
Законот нема да се однесува на оние кои се осомничени, или обвинети по командна одговорност.
Доколку некој ја отфрла амнестијата, бидејќи посакува во судница да докаже дека не е виновен, ќе треба да потпише посебна изјава заверена на нотар.
Членовите на телото за помирување, планираат законот што поскоро да се најде пред пратениците, и да биде донесен до средината на декември.
Инаку, на 26-ти ноември, на пленарна собраниска седница, е ставен законот што го поднесе ВМРО-ДПМНЕ, со кој се бара целосна амнестија на сите осомничени, обвинети и осудени за настаните на 27-ми април. За власта ова е нереален, и неприфатлив предлог, премиерот Зоран Заев, во последното телевизиско интервју, во петокот, не ја исклучи можноста за амнестија и кажа дека конечната одлука ќе ја донесе Собранието.
Помирувањето во Македонија и нормализирањето се неопходни, рече тогаш Заев, па така тие што не биле насилни на 27 април, може да добијат амнестија, вклучувајќи ги и пратениците Крсто Муковски и Сашо Василевски кои поддржаа уставни измени, а кои се обвинети во случајот 27-ми април.