
Општината ќе започне со градбата на кружниот тек во Штип
Штипскиот булевар на смртта повеќе нема да коси човечки животи. Родителите на учениците од средното електро-машинско училиште „Коле Нехтенин“, кои протестираа по прегазувањето на 15 годишниот средноколец на пешачкиот премин пред училиштето, на средбата со локалната власт добија ветување дека од наредната недела стартува изградбата на кружниот тек, кој ќе го забави движењето на возилата по булеварот. Штипскиот градоначалник, Благој Бочвраски забележува дека проектот не го реализираат по минатонеделната несреќа, туку на него работат речиси една година.
Љупка Христова на која двете деца и учат во ова училиште смета дека со овие решенија средношколците ќе имаат поголема безбедност. Родителите очекуваат локалните власти да си стојат на зборот.
По неколку операции на главата и на градите, состојбата на 15 годишниот средношколец, кој беше прегазен на пешачкиот премин и влечен неколку метри по булеварот, од страна на 68 годишен возач и понатаму е тешка. Момчето од пред четири дена е хоспитализирано во Клиничкиот центар во Скопје. По овој случај на штипските улици пред училиштата по долги години ќе се вратат и лежечките полицајци, кои според сообраќајните инспектори по низата на постапки, кои треба да ги завршат ќе бидат монтирани кон крајот на декември.
Викторија Димитрова Јованова