ДВ: Груевски од Црна Гора заминал за Србија

Поранешниот премиер Никола Груевски е потврдено дека патот до Унгарија го започнал преку Албанија и заминал за Црна Гора. Правецот кон кој продолжил е соседна Србија, дознава Дојче Веле на македонски јазик, повикувајќи се на анонимни полициски извори од Подгорица.

Претходно, во официјалното соопштение на црногорската полиција беше наведено дека експремиерот влегол во земјата на 11 ноември со автомобил преку граничниот премин Божај. Влегол со лична карта, а излегол истиот ден со истиот автомобил во правец на Србија.

Според сознанијата на Дојче веле, Груевски влегол во Црна Гора на 11 ноември во 19 часот и 10 минути преку преминот Божај. Таму го пречекале двајца службеници на унгарската амбасада во Подгорица. Со возило Фолксваген Џета бил пренесен во Подгорица. Таму веќе го чекал заменикот- амбасадор и заедно со уште едно лице влегле во друго возило и се упатиле кон граничниот премин Добраково. Таму пристигнале околу 22 часот. Влегле во Србија и таму им го предале Груевски на други унгарски дипломати кои за таа цел пристигнале од Белград. Средбата со дипломатите од белградската амбасада и размената на бегалецот се случила во мотелот Лукс пред влезот во Пријепоље.
И во Србија, како и во Црна Гора, Груевски влегол со лична карта затоа што во тој момент по него се уште немаше распишано меѓународна потерница од македонското МВР.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ