
„Отварајте вратите“ пишува во вибер пораките во телефонот на Мукоски
Со изведување на вибер комуникација меѓу дел од обвинетите денеска продолжи рочиштето за судскиот процес за настаните од „27 април“ во Кривичниот суд.
Се вештачеше телефонот на обвинетиот, пратеникот Крсто Мукоски, и комуникацата во вибер група од четириесетина броја. Во групата се сегашните пратеници Јохан Тарчуловски, Емил Димитријев, Драган Данев како и поранешните пратеници и функционери Миле Јанакиер, Спиро Ристовски и Васил Пишев.
Во групата се комуницира околу моменталаната состојба во Собранието и изборот на Талат Џафери за Собраниски спикер.
Во една порака Јанакиески бара од Мукоски да „застане пред тој што читал“ и дел „да се качат во прес салата каде е Заев“.
Мукоски пак бара да се засили тензијата пред Собранието бидејќи имало многу камери во салата.
Клучни се пораките испратени од телефонскиот број кој е регистриран како „колешка Чаир“ бидејќи во нив се потврдува планот да се отворат вратите.
„Шеќеринска мене оставете ми ја, отварајте дечки вратите“
На денешното рочиште се вештачеше и телефонот на пратеникто Весел Мемеди. Станува збор за дваесетина пораки од негови сопартијци кои го прашуваат дали е безбеден и дозвола да дојдат во Скопје за да го „извадат“. Мемеди во неколку пораки кусо им одговара дека тој е добар и дека се наоѓа во друга сала.
Изведена беше и месинџер комуникацијата на Антонио Кочков, сведок во процесот за обиот за убиство на Зијадин Села, со лицето Дејан Миланов. Дел од пораките се однесуваа на организирањето на протестите кои претходеа на настаните од 27 април и потоа на снимките каде се наоѓа Кочков.
За случајот „27 април“ обвинети се 32 лица, од кои 31 за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување. Постапката против обвинетиот Сашко Марковски е одвоена поради здравствени проблеми.
Огнен Чанчаревиќ