
Македонија против Шпанија ја отвора Главната фаза
По четиридневниот одмор македонската ракометна репрезентација вечерва ќе ги започне натпреварите во Главната фаза на Европското првенство во Хрватска. Во Вараждин првиот предизвик во Групата 2 ќе и биде Шпанија, финалистот од претходното ЕП во Полска.
Македонската репрезентација има негативен скор во дуелите со „црвената фурија“. Сите пет меѓусебни средби ги загуби од кои последен беше совладана, лани на Светското првенство во Франција (25:29).
„Црвено жолтите“ конечно се созреани да ја извојуваат првата победа против големиот ривал со која ќе ги зголемат шансите за пласман во полуфиналето.
Во арената „Вараждин“ македонските ракометари ќе имаат поддршка од трибините кои се очекува половина од капацитетот (5200 седишта) да бидат обоени во црвено жолта боја.
Селекторот Раул Гонзалез го врати Филип Лазаров во составот а од публика мечот ќе го следи Никола Маркоски.
Средбата Македонија – Шпанија ќе ја суди белоруската двојка Андреј Гуско и Сергеј Репкин. Почетокот е закажан во 20:30 часот (ТВ Телма), додека пред овој се игра дуелот Германија – Данска (18:15 часот, ТВ Телма).