
Унгарија не дава информации за Груевски
Втор ден молк од унгарските власти за бегството на Никола Груевски во Унгарија. Унгарскиот министер за надворешни работи Петар Сијарто, денеска не одговори за тоа како Груевски стигнал во Унгарија без пасош, велејќи дека нема право ниту овластување да сподели информации за тековна постапка за азил.
Претпоставувам дека предметот е во постапка за азил. Дотогаш, не можам да ви дадам повеќе информации, рече Сијарто.
Македонските власти се уште немаат информации за тоа каде се наоѓа Груевски во Унгарија.
Како што објавија унгарските медиуми Орбан не се сретнал вчера со Груевски и не престојува во неговата вила. Наводно поранешниот македонски премиер е сместен во хотел со пет ѕвезди „Коринтија“. Но од хотелот за Телма негираат дека тој не е таму.
Секако дека можам да ви дадам информација за наш гостин, но немаме никаква информација за него“, ни изјави менаџер на хотелот „Коринтија“.
Велите дека Груевски не бил ваш гостин деновиве?
Да, потврди тој
Од владата на Виктор Орбан не одговораат ни на прашањето на Телма и која е процедурата за добивање азил и дали Груевски е во центар за азиланти.
Според унгарските закони барањето за азил се поднесува на граничен премин и тој би требало да биде задржан таму до одлуката за барањето за азил. Според унгарскиот закон, Груевски има право да побара азил доколку во неговата земја бил изложен на прогон, тортура или сериозно му биле нарушени човековите права и пропишани се три основи за добивање азил, меѓу кои и ако линоста ја напуштила својата земја поради оправдан страв од злоставување заради политичка определба, ако има статус на лице под заштита т.е. ако во неговата земја му се заканува реална опасност од смртна казна, тортура, нехуман или деградирачки третман. Можноста да побараат азил законот им ја дава и на лица кои илегално влегле на унгарско тло и илегално престојуваат во земјата.
Унгарските власти треба да се изјаснат за барањето на Груевски за азил за најмногу 15 дена, а за остварувањето на правата од азил се предвидени од 45 до 90 дена. Доколку емигрантската служба го одбие барањето за азил тој има право на жалба во рок од три дена. По жалбата се одлучува во рок од осум дена, но, во пракса тоа трае подолго особено ако лицето побара да сведочи.
Нејасно е на кој начин Груевски стигнал до Унгарија. А влегол од Србија, тогаш според унгарскиот закон, мора да биде вратен таму. Доколку Груевски нема пасош Владата на Унгарија треба да го врати Груевски во транзитната зона меѓу Унгарија и Србија.
Српското МВР соопшти денеска дека Груевски нема српско државјанство или пасош и дека се проверуваат информациите дали до Унгарија стигнал преку територијата на Србија.
За бегството на Груевски рагираше и Европската унија. Известувачот за Македонија во Европскиот Парламент, Иво Вајгл, вели дека треба да се почекаат официјалните изјави и реакции од страна на унгарските власти пред да се коментира барањето азил на Груевски. Официјална реакција на Унгарија чека и Европската народна партија чии членки се и партијата на Орбан, Фидес и на Груевски, ВМРО-ДПМНЕ.
Тамара Грнчароска