Како Груевски наместо во Шутка заврши во Будимпешта

Ветуваше дека нема да бега, бараше да го затворат во замена за сите други обвинети, најавуваше победа на избори… На крајот побегна.

Пет дена се поставуваше прашањето каде е Никола Груевски. Одговорот стигна денеска напладне. Тој е во Будимпешта и побара политички азил. Допрва ќе се утврдува како Груевски без патни исправи стигнал до Унгарија, кој му помогнал и зошто.

8 ноември беше денот кога тој требаше да се јави во истражнито затвор „Скопје“ на издржување на двегодишната казна во случајот „Тенк“. Ги искористи сите правни лекови и усепа да го одложи барем на кратко, но доволно за да го спроведе својот план во движење.

Наредниот ден, во петокот, Кривичниот совет ги одби жалбите и со тоа се исцрпи последната правна можбност тој да не заврши во затвор. Истовремено Груевски се исклучува од мрежите вибер, сигнал и ватсап, го остава телефонот вклучен но не одговара на повиците.

Судот истиот ден, ревносно, неколку пати испраќа судски доставувач да му го врачи решението и со тоа да се исполни последниот услов пред извршување на казната. Но на адресата на која тој веќе традиционално е недостапен. Новинарски екипи со часови го чекаа Груевски пред истражниот затвор. Тој не се појави. Доброволно нема да ја издржува затворската казна.

За викенди судот и судските доставувачи не работат. Груевски можеби. Јавноста беше преокупирана со истрагата „Империја“ и притворот на Јордан Камчев.

Вчера судскиот доставувач повторно дојде на добро познатата адреса да го врачи решението. Вратата остана заклучена.

Во 16 часот и 32 минути судот ја извести полицијата и побара асистенција за негово пронаоѓање и спроведување во затвор. Полицајците исто така тропат на веќе познатата врата и адреса. Претресите на возила и контролите околу седиштето на неговата матична партија не вродија со плод.

Дилемата околу локацијата на осуденикот Никола Груевски исчезна откако тој самиот на социјалната мрежа „фејбук“ се „чекираше“ во Будимпешта со барање за политички азил.

Пет часа подоцна МВР ја потврди веродостојноста на информацијата која Груевски ја соопшти.

Повторно поранешен премиер, барем засега, нема да заврши зад решетки заради корупција.
Како се случи неговото бегство? Зошто институциите затаија? Можеше ли да се спречи? Зошто СЈО не побара притвор?
Одговорите на овие прашања ги чека целокупната јавност.

Министерот Спасовски и претседателот на судот си ја префрлуваат одговорноста.

Македонските органи ги чека долга и напорна битка со унгарските колеги околу барањето за ектрадиција. Она што е јасно е дека официјална Будимшепта прво ќе се одлучува околу барањето за азил а потоа и за екстрадиција.

Дотогаш креветот во истражниот затвор останува празен.

Огнен Чанчаревиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ