Груевски е во Унгарија, распишана меѓународна потерница по него

Распишана е меѓународна потерница по екс-премиерот Никола Груевски, откако МВР попладнево потврди дека тој е пребеган во Унгарија. Во соопштението од МВР се наведува  дека по направените соодветни проверки Министерството утврдило дека Груевски се наоѓа во Унгарија.

„Министерството за внатрешни работи доби и потврда од унгарското министерство дека Никола Груевски е во Република Унгарија и дека побарал азил “, се наведува во соопштението. МВР веднаш побара од Кривичниот суд да издаде решение за распишување на меѓународна потерница по Груевски, што беше експресно направено.

Пет часа им требаа денеска макеоднските институциите да ја потврдат информацијата која Груевски ја споедли на фејсбук нешто по 13 часот дека се наоѓа во Унгарија каде побарал политички азил.

По оваа информација, на разговор во македонското МНР попладнево бил повикан унгарскиот амбасадор Ласло Дукс, со цел проверка на информацијата и по дипломатски канали.

Во петте часа чекање на потврда за тоа дали Груевски е во Будимпешта или не, Телма побара потврда од унгарската влада дали тој е таму. Во одговор на писменото  барање за информација од Кабинетот на унагарскиот премиер, Виктор Орбан, ни одговорија:  „Ниту можеме да потврдиме, ниту да негираме. Ние не сме во можност да коментираме за индивидуални барања за азил кои се уште се процесуираат“.

Иако владата во Унгарија ниту потврдува ниту негираше дали е Груевски таму, информацијата дека не коментираат барања за азил кое е во процедура, беше првата индиција дека Груевски е во Унгарија.

За тоа како Груевски ја поминал македонската граница од МВР информираат дека на граничните премини не е регистриран легален премин на Греувски. Тоа го отвора прашањето како избегал Груевски. Легален премин на граница не требаше да биде можно ако се знае дека судот му го одзеде пасошто на Груевски како мерка за безбедност поради случаите кои се водат против него. Министерот за внатрешни работи вечерва телевизиско интервју соопшти дека Груевски не избегал по воздушен пат туку го направил тоа илегално вон граничните премини. Груевски е третиот избеган  од случаите кои ги води СЈО, по бегството на Никола Бошкоски и Горан Грујeвски обвинети во случајот  Таргет. Индикативно е што и Бошкоски и Грујовски со лажни пасоши беа фатени аеродромот во Солун во обид да се качат на лет, токму за Будимпешта, каде што Груевски успеа да стигне.

Блиската врската на Груевски и неговата партија со десничарскиот лидер на Унгарија, Виктор Орбан, трае со години, уште од времето кога Груевски беше на чело на владата и на партијата во Македонија. Тоа продолжи и по оставката на Груевски на премиеркста позиција, кога Орбан дојде лично да му даде поддршка на Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ локални избори минатата година. Врските на Орбан со ВМРО-ДПМНЕ продолија и по повлекувањето на Груевски кога тој пред неколку месеци на митингот на партијата против Договор за името ја поздрави ВМРО-ДПМНЕ велејќи дека таа има мудри и храбри лидери.

По бегството на Груевски во Унгарија, не може, а да не се направи паралела со бегството од кривично гонење и затворска казна на поранешниот хрватски премиер, Иво Санадер во 2010 година во Австрија. Санадер беше обвинет и потоа осуден за злоупотреба на положбата и извелкување на пари од државни фирми. Австрија го уапси Сандер, но екстрадицијата следеше по шест месеци. Во жалбата на Санадер за да не биде екстрадиран тврдеше дека нема да има фер судење во Хрватска.

Тамара Грнчаровска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ