Тимоние: Има простор за подобрување на законот за јазици

Мислам дека не сум единствениот што не успеал да го разбере законот за јазици, бидејќи се работи за многу комплициран текст, барем во однос на неговата содржина, но и на последиците. Од друга страна, да бидам целосно искрен, постои простор за подобрување во самиот текст и тоа е возможно затоа што станува збор за разговори, ова е процес којшто сè уште не е завршен и не би сакал да се изјаснувам, вели францускиот амбасадор Кристијан Тимоние во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Според францускиот амбасадор, тоа не треба да стане причина за меѓуетнички раздор. Забележува дека и покрај критиките, волјата да се живее заедно и да се напредува кон ЕУ се многу понапред од овој закон којшто, вели, е многу сложен и најверојатно има важно симболично значење за албанската етничка заедница и ќе треба да се земе предвид.

Во однос на спорот за името со Грција, Тимоние истакнува дека сите со голем интерес го следат „белиот чад кој излегува, како кога се избира папа“ и дека станува збор за долг процес, отворен 25 години, што не може да се реши за два дена.

– Беше постигнат забележителен напредок и сега тој напредок треба да се искористи. Морам да кажам дека новата Влада даде сè од себе за подобрување на односите со Атина. Забележавме дека и грчките власти, исто така, покажаа дух на отвореност, којшто е нешто ново за создавање поинаква клима, бидејќи, нели, за танго се потребни двајца, а и со самиот факт што е постигнат договор за да се најде решение, тоа е нешто што само по себе е позитивно, посочува францускиот амбасадор додавајќи дека постои генерална согласност кај меѓународната заедница за, како што вели, да мислиме дека е неопходно решение.

– Затоа што не можеме повеќе да прифатиме дека таа блокада би можела постојано да се повторува, затоа што тоа не е добро и за европската изградба и генерално за безбедноста на Унијата, и сега се наоѓаме во период во којшто, најверојатно, од секоја страна има вистинска добра волја, додава Тимоние.

Амбасадорот на Франција одговара и на прашање за опозицијата и нејзиниот бојкот на Собранието и смета дека  ВМРО-ДПМНЕ пишува нова страница со изборот на новото раководство. Кај новиот претседател со кого имал средба забележал дека дава своевиден приоритет на евроатлантската интеграција.

– Треба да се поздрави фактот што ВМРО-ДПМНЕ присуствуваа на обраќањето на генералниот секретар на НАТО. Тоа се гестови коишто се важни зашто покажуваат единство кај македонското општество за постигнувањето на големите цели во земјата. Без да сакам да давам совети и да се мешам, мислам дека ќе треба од секоја страна да се направат чекори кон другиот, затоа што постојат можности во рамки на Собранието, истакнува, меѓу другото, амбасадорот на Франција во Македонија Кристијан Тимоние во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ