Камчев и останатите притворени ги нудат пасошите во замена за слобода?

Пасоши во замена за слобода нудат притворените во случајот „Империја„ на СЈО. Во жалбите, поднесени од нивните адвокати, бараат укинување на мерката притвор со образложение дека, не постои причина да влијаат на истрагата.

Се работи за стопански кривични дела, наводно сторени пред 16 години. Последното дело е од пред 5 години. Сите се поврзани со папирологија што лесно може да се провери и затоа нема опасност да се влијае на истрагата, вели Антонио Апостолски адвокат на Јордан Камчев.

Во меѓувреме, Основниот суд Скопје 1, го прифати предлогот на СЈО за замрзнување на имот на притворените лица.  Покрај привремено забранетите финансиски трансакции, судот им наложил и на повеќе банки да го запрат одливот на пари од сметките на фирмите на осомничените. Од петокот во затворот „Шутка„ се Јордан Камчев, Цветан Панделески, Ненад Јосифовиќ, Зорица Арсовска и Тодор Мирчевски. Мирчевски е директор на контроверзната оф-шор компанија „Ексико“, Панделески е директор на земјоделскиот комбинат „Пелагонија“, Јосифовиќ е соработник на Камчев, а Арсовска е сметководителка во неговите фирми.Освен кусото соопштение во кое се наведува дека 13 лица се осомничени за измама, перење пари, организиран криминал и злоупотреба на службената должност, СЈО не даде повеќе детали за случајот. Не се знае кој поточно за што се сомничи. Иако, после бомбите, ова е нивниот втор најголем случај, изостана спектакуларната прес – конференција, а нема објаснување ниту за поврзаноста на бизнисите на притворените и кривичните дела. Обвинителите тврдат дека, во текот на претресот на 12 локации, се обезбедени доволно докази според кои од 2002 до 2013, осомничените ги извршиле кривичните дела, но тие засега не и се познати на јавноста.

Во истрагата за „Империја“, се осомничени и екс шефот на УБК Сашо Мијалков, мајката и сестрата на Орце Камчев Ратка Куноска Камчева и Христина Камчева Стојческа. Меѓу осомночените се и Владислав Стајковиќ- поранешен директор на компанијата Финзи преку која одеше набавката на израелската опрема за прислушување, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев, Јованче Тасковски и Лилјана Гајдовска.

СЈО најавува и проширување на истрагата за нови лица и за нови кривични дела.

Далиборка Демјанска Цветановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ