Последен обид Груевски да се пријави сам во Шутка

Судот денеска ќе направи уште еден обид да му го достави на Никола Груевски решението со кое се одбива неговата жалба на одлуката да не му се дозволи одложување на затворската казна. Но ако судот утврди дека Груевски избегнува да го прими решението, ќе побара присилно приведување од полицијата или распишување на потерница.

Претходно, како опција се споменуваше решението да му биде предадено на Груевски ако тој се појави на рочиштето за предметот „Титаник“, но тоа наместо за денеска е презакажано за в среда.

Неговите адвокати се очекува денеска да се повикаат на вонредниот правен лек, кој се уште не доставен до Врховниот суд и на одлуката на Комисијата за дискриминација дека Груевски бил дискриминиран.

Куририте од Кривичниот суд во петокот веднаш по одлуката на Кривичниот совет три пати се обидоа да го најдат Груевски за да му го достават решението. Тој оттогаш не се огласи во јавноста, а не се појавуваше ниту во собраниските комисии каде викендов се усвоија нацрт амандманите за измена на уставот, не беше активен ниту на социјалните мрежи каде често ги искажуваше ставовите.

Груевски за набавката на луксузниот мерцедес во МВР доби двегодишна затворска казна за кривично дело примање награда за противзаконито влијание во предметот „Тенк“ воден од СЈО. Собрнаиска комисија предложи да му се одземе мандатот, но за тој предлог не гласаа 80 колеги, а Груевски остана пратеник.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ