
Франција не знае за пораз, со Шведска како загревање до полуфинале
Иако се очекуваше понеизвесен натпревар со Шведска, Франција лесно стигна до првиот триумф во Главната фаза на Европското првенство во Хрватска. Светскиот првак ја доби најтрофејната репрезентација со 23:17, во првото коло од Групата 1 што се игра во Загреб.
Франција беше во водство постојано во текот на целиот меч. Во 48 минута Шведска последен пат имаше шанса да го сврти резултатот кога намали на 14:15, но тука беше крајот на сите надежи дека може да избегне пораз. Светскиот првак направи серија од 5:0 и ги реши сите дилеми околу победникот, запишувајќи го четвртиот успех на континенталниот собир.
Голманот на „триколорите“ Жерар со 19 одбрани беше несовладлив и заслужено беше избран за играч на мечот, додека во нападот прв стрелец беше Сореиндо со пет голови, еден помалку запиша Мае. Кај Шведска, Јепсон со четири погодоци беше најефикасен, Легергрен реализираше три.