Мијалков со ново писмо до Мицкоски: Не си фактор

„Христијан, ниедно претходно раководство не доживеало ваков срам од сестринските партии, а се надевам ни во иднина нема да доживее“. Вака почнува отвореното писмо на поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Според него, лидерот ја слабее и ја дели партијата, наместо да ја обединува и зацврстува. За да не излаже дека има меѓународна поддршка, Дорис Пак и Јоханес Хан преку социјалните мрежи му порачуваат дека неговиот лажен патриотизам е неприфатлив за Европа. Мијалков го прашува Мицкоски каква конструктивност му ветил на Хан, додека неговите советници шетаат низ Скопје и зборуваат за барање друг партнер на исток.

Тоа што го правиш не е чесно и не доликува на човек што треба да го води ВМРО. Сакаш да дојдеш на власт ама ти да си патриот, а другите да се предавници. Сакаш да газиш преку туѓи животи. Кукавички и ниско од некој што треба да води организација како ВМРО. Извини се за двојните игри и лицемерието, пишува Мијалков.

Мијалков, како некој со подолг стаж од Мицкоски, вели дека овие писма имаат цел да ја спасат партијата и да ја направат посилна.

Ти не си ВМРО. ВМРО е над тебе. Ти си времено на функција. Доколку ВМРО загуби на претстојните избори затоа што е изолирано, тоа ќе биде зашто ти немаш капацитет. Крајно време е да размислиш за враќање на прозападниот курс, зацртан во трајните определби на партијата, му порача Мијалков.

Во ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека ова писмо е обид за дефокусирање од нивната борба со актуелната власт.

Ова е второ писмо на Мијалков до Мицкоски. Прв пат му пиша пред десетина дена, откако беше исклучен од партијата и обвинет за криминална коалиција со браќата Заеви. За Мијалков, Мицкоски е лажен патриот и интргигант кој, иако бил генерален секретар, не е дел од истрагата „Талир“ за нелегално финансирање на партијата.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ