
Сестра нападната на КАРИЛ од семејство на починат пациент
Утрово пред почетокот на смената, медицинска сестра на КАРИЛ била физички и вербално нападната од членови на семејство на пациент, чиј случај го водела таа, а кој починал во меѓувреме. Сестрата е без тешки физички повреди, но поради вознемиреност, ќе оди на психијатриска проценка и ќе земе боледување, рече директорката на КАРИЛ.
Инцидентот се случил на работно место, пред влезот на работното место во Интензивното лекување.Сестрата била и физички и вербално нападната и со закани за нејзиниот живот. Сестрата е страшно многу вознемирена и целиот персонал на КАРИЛ е вознемирен. Искрено, денес се работи во тешки услови, изјави директорката на КАРИЛ Маја Мојсова.
Инцидентот со 34 годишната медицинска сестра е пријавен во МВР, од каде велат дека работат на негово расчестување. А, министерот за здравство Филипче, денеска или најдоцна до утре, како што рече, очекува средба со министерот за внатрешни работи Спасовски, со цел зголемување на безбедноста на болничкиот персонал со полициско присуство.
Веќе имав телефонски разговор со министерот за внатрешни работи. Во текот на денот, или во текот на утрешниот ден ќе ги разгледаме сите алтернативи кои што ни се на располагање, за да ја зголемиме безбедноста овде во кампусот и на критичните места на клиниките. Пред се мислам на ургентните центри и таму каде што во текот на ноќните часови има најголема фреквенција на пациенти, вели министерот Филипче.
Нападите на лекари од страна на семејства на пациенти се чести, велат од КАРИЛ, а последниот поголем инцидент се случи во 2015 година, кога беше пукано на дигестивниот хирург, Љубомир Огњеновиќ, по што неговите колеги излегоа на протест. Од КАРИЛ апелираат до граѓаните да не ја земаат правдата во свои раце, да не вршат мобинг врз персоналот, туку да го остават да си ја врши работата.
Сотир Трајков