
Речиси е извесно дека Груевски утре нема да оди во затвор
15 минути доцнеше на судењето за „Титаник“ и наиде на затворена врата. Експремиерот Никола Груевски избегна да одговори на новинарските прашања и за постапката за одземањето на мандатот, но и за обидите да ја одложи затворската казна.
Жалбите од четворицата адвокати кои бараат одлагање на казната пристигнале утрово во Кривичнниот суд, потврдуваат од таму. Според најавите од одбраната и Груевски ќе поднесе своја жалба на одлуката на судијата на претходна постапка, кој не му дозволи одлагање на казната. Без разлика што во упатниот акт е определен утрешниот ден како датум на кој треба да се појави во Шутка, од судот објаснуваат дека ќе треба да се почека одлуката на кривичниот совет, составен од тројца судии, за барањето за одлагање. Ако и тие ја потврдат првичната одлука за неодлагање, по добивање на решението експремиерот ќе треба да оди во затвор.
Во време кога судот треба да донесе конечна одлука Комисијата за заштита на дискриминација, предводена од Александар Даштевски по претставка на Груевски утврдила дека, како поранешен премиер и лидер на партија, тој бил дискриминиран и како последица на тоа дошло до нарушување и ограничување на правото на правично судење од страна на судијата Добрила Кацарска.
-Се утврдува директна дискриминација на Никола Груевски од член 6 став 1 врз основа на личен и општествен статус од член 3 од Законот за спречување и заштита од дискриминација поради поставување во неповолна положба со необезбедување на потребните критериуми за правично судење од страна на Основен суд Скопје 1 Скопје.
Од СДСМ велат комисијата е партиска испостава на ВМРО ДПМНЕ. Партизираната комисија за заштита од дискриминација, под контрола на антизападното ВМРО-ДПМНЕ, ја злоупотреби позицијата и целосно се стави во одбрана на криминалот на Никола Груевски, стои во соопштението од партијата. Велат ваквата одлука потврдува дека е неопходна итна реформа на Комисијата за заштита од дискриминација.
За ставот на владеачката партија стаса реакција од ВМРО ДПМНЕ. Однародената и криминална власт предводена од Зоран Заев, единствениот политичар аболициран за тежок криминал, почна да се заканува и по независни тела кои одлучуваат врз основа на факти и не ги прифаќаат политичките нарачки за прогон на сите неистомисленици на антидржавните политики, стои во соопштението на партијата.
За првиот човек на комисијата Даштевски, Кривичниот суд пред два месеца поднесе до Собранието барање за разрешување поради злоупотреба на службената положба, нестручно и несовесно вршење на функцијата, откако комисијата донесе одлука дека Кацарска ја депривилегирала Јанкуловска и ја изложила на деградирачки однос во областа на пол и политичка припадност. Претседателот на Кривичен ваквата одлука ја нарече преседан и мешање во судската власт. Судот утврдува дискриминација кон некого, а не генерира, рече Џолев.
Елена Ивановска Мукоска