Почнува втората фаза од постапката за менување на Уставот

Собраниската Комисија за уставни прашања денеска ќе ја започне расправата за четирите нацрт-амандманите на Уставот согласно Договорот од Преспа, која треба да трае 12 дена. Пленарната седница претседателот на Собранието Талат Џафери, кој истовремено е и претседател на Комисијата, ја закажа за 1 декември.

Премиерот Заев во петокот соопшти дека четирите амандмани се едноставни, немаат ништо спорно и се во согласност со меѓународните стандарди и заслужуваат поддршка од сите пратеници во име на интеграцијата во ЕУ и во НАТО. Во нацрт – амандаманите се вградени предлозите на независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата. Утврдувањето на нацрт амандманите на Уставот од страна на Собранието е втора фаза од постапката за измена на Уставот.

Нацрт амандманите се утврдуваат со просто мнозинство или 61 глас, додека третата и последна фаза е усвојување на амандманите за што е потребно двотретинско мнозинство или поддршка од најмалку 80 пратеници. Собранискиот Деловник предвидува од моментот на доставување на нацрт-амандманите во Собранието до одржување на пленарната седница за нивно усвојување мора да поминат најмалку 30 дена. Претресот за секој нацрт-амандман поединечно може да трае најмногу по три дена и во Комисијата и на пленарната седница, но може да биде завршено и побрзо од максималните рокови.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ