17-годишното девојче се удави во Вардар, бегајќи од кучиња

Речиси четири часа се трагаше по 17 годишната девојка, чие мртво тело беше пронајдено синоќа околу 22 часот и триесет минути низводно по течението на Вардар на околу шест километри од местото каде средношколката паднала во брзите води Водостојот бил голем, хидроцентралите го намалиле нивото, но било предоцна, никој не успел да ја спаси. Случајни минувачи забележале дека таа се дави, откако паднала во реката по борбата со кучињата скитници.

Девојката учела во гостиварската гимназија. Се враќала од училиште со уште еден ученик и по кејот на реката Вардар долж градскиот парк се упатиле на автобуска постројка, за да се вратат дома во гостиварско Здуње. Веста за смртта ги потресе жителите на селото. Бараат одговорност од општината за трагичниот настан.

Гостиварци велат дека се секојдневни сведоци на напади од кучиња скитници, најчесто во централното градско подрачје.

Гостиварскиот градоначалник Арбен Таравар изрази жалење за настанот, но јавно пред камера не даде изјава.

Преку социјалните мрежи апелираше да не се прават драми и политики од настанот. Како што посочи не бил човек што не презема одговорност, но за проблемот со кучињата скитници кој ја зеде и првата жртва, смета дека општината работи во добар правец за негово решавање.

  • Не сум навикнат да не сносам одговорност, но математички нашата екипа го правеше и го прави невозможното за да се стабилизира состојбата каде што затекнавме едно куче не метар квадратен. Ако се откажеме покажуваме 0 одоговорност, ако продолжиме да ја водиме битката со кучињата, значи имаме сила и дигнитет. Досега сме оперирале 50 кучиња скитиници и сме вакцинирале стотина вакви бездомни животни, напиша на ФБ, градоначалникот Таравари.

За настанот се огласи и премиерот Зоран Заев. Тој смета дека треба да се промени законската регулатива во однос на згрижување на кучињата скитници која според него е комплицирана и затоа голем број градови се соочуваат со незгрижени животни.

Во Гостивар нема се уште центар за чување и третирање на кучињата скитници иако беше најавено дека тие ќе бидат згрижени во просториите на поранешната гостиварска касарна.

 

Зоран Димовски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ