
Со зголемување на придонесот брз раст на уплатите во ПИОМ
Зголемувањето на пензискиот придонес за 0,4 % иако е минимална промена, може да го намали дефицитот во фондот за ПИОМ. Даночните советници сметаат дека зголемувањето на придонесот на 18,4 % во 2019 и на 18,8 % во 2020 година директно ќе влијае на приходите, а со тоа и на стабилизација на Фондот. Промени од типот на поголемо зголемување на придонесите или зголемување на старосната граница за пензионирање, велат тие, треба да се остават за други времиња
„Претпазливоста е многу значајна. Пензискиот систем е најдобар. Не трпи нагли удари и промени. Работите постепено ќе дојдат на свое место. Иако е благо покачување на придонесите добро е да се види какви ефекти ќе даде“, кажа Славко Лазовски – даночен советник.
Работодавачите се сомневаат во ефектот на новата реформа. Проблем на фондовите не се придонесите туку се помалиот број на луѓе што ги плаќаат, а потврда за тоа се состојбите познати со проектот Македонија вработува, со кој до 2021 година, 22 000 осигуреници нема да имаат ниту еден денар уплата за придонеси.
„Фондот мора да се прилагоди, ако се намалува бројот на работниците, не може само придонесите да се зголемат, туку да се намали и администрацијата. Ако администрацијата расте тоа на долг рок е неодржливо“, кажа Ангел Димитров – Организација на работодавачи.
Бројките покажуваат дека со зголемување на придонесот, разликата во просечната бруто плата ќе изнесува 142 денари. Но, останува отворено прашањето на чив грб ќе падне, дали на работникот или наработодавачот.
„Најголем дел од работодавачите ќе се одлучат да ја зголемат бруто платата бидејќи има недостиг на кадар, тоа негативно ќе влијае на мотивираноста и на заминување од работните места“, кажа Ангел Димитров – Организација на работодавачи.
Зголемувањето на придонесите се очекува да ја намали дупката во ПИОМ за 35 милиони евра. Владата уверува дека пензиите ќе продолжат да растат и законски да се усогласуваат двапати годишно, а повисоки пензии ќе добиваат осигурениците кои ќе се префрлат од вториот во првиот пенизски столб.
Виолета З Стојановска