
Реорганизација на администрацијата во втората половина на 2019 година
Министерството за информатичко општество и администрација направило анализа на институциите од јавниот сектор, но се уште не изброиле каде имаат вишок кадар.
На дел од вработените им се заканува прераспределба од администрацијата, ако реорганизацијата на јавниот сектор покаже дека тие се дел од институција која е непотребна и треба да биде укината. Или пак ако се на несоодветно работно место во неа. Ќе бидат понудени на приватниот сектор, но под определени услови.
Со реформата во јавната администрација, министерот Дамјан Манчевски смета дека ќе се реши долгогодишниот проблем со преклопување на надлежностите помеѓу институциите и ќе се реши ситуацијата со секторите составени од еден човек.
Владата го анализира целиот јавен сектор, а тоа само по себе ќе повлече и одредени законски измени посочи Манчевски. Очекувањата се дека догодина ќе се видат некакви резултати од реорганизацијата на администрацијата. Сепак, целиот процес ќе потрае до 2021 година.
Ветувањата на Владата се дека во јавната администрација повеќе нема да има вработени кои земаат плата, а не доаѓаат на работа. Моментално во јавниот сектор се вработени околу 125.000 административци.
Петар Догов