Не се формираше телото за помирување

Координативниот состанок кај спикерот Талат Џафери не резултираше со формирање на Телото за помирување. Траел сосема кусо и ова прашање едвам било отворено, иако минатата недела беше посочено дека токму денеска ќе се исцртаат контурите и ќе се усвои методологијата за неговата работа. Изутринава, и Џафери ги потврди очекувањата дека средбата на координаторите и претседателството на Собранието може да доведе до конкретни чекори.

На состанокот не дошол никој од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, која е иницијатор за формирање вакво тело. Координаторката Елизабета Канческа-Милевска рекла дека, како член на Комисијата за надворешна политика, мора да присуствува на средбата со првиот човек на австрискиот Национален совет, Волфганг Соботка. Нејзините заменици Авировиќ и Рамчиловиќ не ја заменија. Новиот координатор на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски ја продолжува праксата на неговите претходници, кои не доаѓаа на понеделничките координации. Иако имаат редовни средби со Џафери, од најголемата опозициска партија велат дека тој е избран на срамен начин и затоа нема да партиципираат во телото за помирување, со кое треба да раководи спикерот. За Мицевски, патот до помирување води преку нивниот закон за амнестија на сите поврзани со 27 април.

Телото за помирување е едно од четирите барања на осуммината опозиционери кои гласаа за менување на Уставот. Рокот што тие го дадоа истекува за две недели.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ