Утврдено е кои учебници ќе бидат предмет на анализа меѓу Македонија и Грција

Утврдени се правилата врз кои ќе работи интердисциплинарниот Комитет меѓу Македонија и Грција за толкување на историските настани. Првиот човек на македонскиот седумчлен тим во Комитетот, амбасадорот Виктор Габер, информира дека точно е утврдено кои учебници ќе бидат предмет на анализа на секоја од страните, за кои ќе се расправа на следниот состанок закажан за два месеци во Македонија.

„Сега ние мораме да проучиме материјали. Нашата страна учебниците кои денес се предаваат во грчките училишта или кои што мислат да се предаваат од септември идната година. Односно тие исто така треба да ги проучат учебниците кои што ние ги користиме или ќе ги користиме од септеври идната година“, вели Габер.

Габер притоа вели дека и двете страни ќе мора да направат отстапки, бидејќи историјата се пишува врз основа на идеите кои ги носи државата, преточени низ програмите за настава и учебниците на министерството за образование.

„Кога ќе ги проучиме учебниците се седнува заеднички да се договорат кои формулации, каков третман, ќе имаат тие настани, за да не предизвикуваат анимозитет на едната или другата страна“, изјави амбасадорот Габер.

Комитетот нема надлежност врз делата на авторите кои не се вклучени во образовниот систем, но Габер смета дека усогласувањата на историските прашања во делот на образованието треба да биде индикатор и за оние надвор од тој систем, како да се однесуваат, за да се избегнат елементи кои би создавале анимозитет кај идните генерции во двете земји.

Комитетот составен од експерти ќе го проучува, целиот комплекс на историја од антиката до денес. Притоа работата на Комитетот, вели Габер, не е да најде елементи каде би се судриле двете страни, туку елементи на зближување преку заедничка историја која не е толкувана во негативен контекст.

„Трагедии постоеле, не може да избегнеме дека не постоеле, но ние мора да кажеме зошто и како постоеле и како тоа не треба да влијае на идните генерации“, смета Габер.

Габер се надева дека комитетот прелку стручна анализа ќе му помогне на политичкиот фактор да дојдат побрзо и полесно до заедничики солуции кои се за исполнување на она што во Преспаснскиот договор се посочува како стратешко партнерство меѓу двете земји.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ