Уставните амандмани во втора фаза

Почнува втората фаза од процесот за промена на Уставот согласно Договорот од Преспа. Нацрт-амандманите кои владата ги достави до Собранието, од среда ќе се најдат пред Комисијата за уставни прашања.  Според Деловникот за работа,  претресот во оваа комисија, како и во Законодавно – правната може да трае најмногу три работни дена по нацрт текстот на секој амандман одделно. Пратениците од ВМРО ДПМНЕ  не се изјаснуваат дали ќе учествуваат во расправата. Осуммината пратеници кои основаа нова пратеничка група, повторно ќе гласаат за амандманите. Постапката и во оваа фаза завршува во Собранието, каде се утврдува нацртот на секој амандман одделно, а за да се изгласаат е потребно мнозинство од вкупниот број пратеници, односно  61 глас „за„. Оваа седница е закажана на 1-ви декември.

До Собранието се доставени 4 нацрт амандамни за Преамбулата и за Уставот. Првиот се однесува на замена на зборот Република Македонија со Република Северна Македонија секаде во Уставот, освен во членот 36 во кој се вели дека Републиката им гарантира посебни социјални права на борците од Антифашистичката војна и од сите народноослободителни војни на Македонија.

Вториот се однесува на Преамбулата, во која се додава Охридскиот рамковен договор, а одлуките на АСНОМ се заменуваат со прогласот од Заеседанието. Во третиот амандман се додава само еден став, а тоа е  дека Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави, додека во четвртиот амандман, покрај потврдување на македонскиот идентитет, стои дека Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство и ги унапредува нивните врски со татковината.

 

Далиборка Дамјанска Цветановска

https://youtu.be/77IRP_PJ74o

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ