За еден месец изгорени 140 хектари ожнеани ниви во кочанско

Во кочанскиот регион само за еден месец изгореа 140 хектари ожнеани ниви. Локалната власт бара од инспекторите да излезат на терен и да пишуваат казни на оние кои што ги палат стрништата. Пожарникарите, кои покриваат две општини во овој регион секој ден интервенирале по три до четири пати во денот.

Надлежните од инспекторат за земјоделство пак велат дека постојано се на терен и излегуваат на секоја дојава, која пристигнува до нив.

Во кочанскиот регион има само еден земјоделски инспектор. Од државниот инспекторат забележуваат дека континуирано неколку години наназад бараат зголемување на кадарот, но засега тоа тешко им оди.

Земјоделците знаат дека законски  не е дозволено  да се палат стрништата, а не се плашат и од  казните кои можат да достигнат и до 3000 евра. Земјоделецот, Николчо Ѓеоргиев вели дека деновиве постојано гори полето, а минатата година од запалено стрниште изгореле  куќи и фарми.

Поради запалените стрништа пожарникарите си ја трошат застарената опрема, а возилата се оштетуваат поради тоа што мора да поминуваат низ непристапни терени. Надлежните од локалната власт алармираат дека со постојаните пожари и чадот, кој доаѓа од кочанско поле се вклучува и алармот за загадување на воздухот. Кочани е општина, која во однос на останатите во регионот има висока загаденост на воздухот во текот на зимата.

 

Викторија Јованова

https://youtu.be/HQLu2fdHW-I

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ