
Кабелски оператори пиратираат, надлежните не реагираат
МВР сеуште нема поднесено кривична пријава по преставка на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги против кабелскиот оператор „Мултимедиа – НЕТ“ за кој е констатирано дека нелегално реемитувал сателитски канали. Од министерството со официјална информација дека се уште се постапува по преставката на АВМУ. По закон за авторски права МВР е должно да поднесе кривична пријава и нејасно е каква постапка или истрага води полицијата бидејќи во преставката на АВМУ е прецизно наведено кога точно овој кабелски оператор нелегално реемитувал програма.
Агенцијата, на 5 октомври, на кабелскиот оператор му издаде решение за опоменување и исклучување на реемитувањето на програмските сервиси а неколку дена подоцна беше доставена информација до МВР и одделението за организиран криминал.
Нема одговор ниту од Македонски Телеком дали е побарана оштета поради нелегално реемитување со која што е оштетена нивната компанија. Од Телеком наместо одговор доставија флоскула во е наведено дека компанијата наводно секогаш се залага за заштита на авторските права.
„Македонски Телеком секогаш се залага за заштита на авторските права на релевантниот пазар. Во таа насока, компанијата согласно законската регулатива ги презема сите законски мерки за да ги заштити своите права за реемитување на програмските содржини“.
Пред десетина дена, за овој случај, со реакција излезе и Македонската Медиумска Асоцијација во која членуваат телевизиите Телма, Алсат – М, Кајнал 5 и Сител кои побараа од надлежните институции да го процесуираат ова кривично дело и истовремено ги охрабрија МВР и Јавното обвинителство ургентно да почнат да постапуваат и по принципот на „допрен глас“ односно информација објавена на сајтот на АВМУ.
Огнен Чанчаревиќ