
Инкорпорирани трите барања на осумте пратеници
Независната пратеничка група од ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата е задоволна што сите нивни предлози ќе бидат вградени во Уставот. Во членот 49, ќе се допише дека „Републиката го штити, гарантира и негува историското и културното наследство на македонскиот народ“; промената на името ќе се реализира сукцесивно во рок од 5 години паралелно со отварањето на поглавјата во преговорите со Унијата, а во уставниот закон ќе се наведе дека се ќе биде ништовно доколку Грција не го ратификува протоколот за членство во НАТО.
Од понеделник ќе почне конципирањето на Телото за помирување, што беше нивно четврто барање. Парламентарните партии ќе се договорат на координативниот состанок кај спикерот Талат Џафери, на кој за прв пат ќе присуствува и Канчевска. Смета дека и предлог законот за амнестија треба да биде разгледан прво во ова тело.
Владанка Авировиќ посочи дека таа иако е член на новата пратеничка група, не е исклучена од Социјалистичката партија, во која се толерираат различни мислења.
Осуммината опозициски пратеници беа исклучени од Коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ откако пред две недели гласаа за старт на уставните измени. Нивниот глас беше условен со четири барања, што Владата ги прифати низ директни разговори со оваа нова пратеничка група.
Соња Николовска