Нацрт амандманите утре ќе бидат испратени во Собранието

Утре на владина седница ќе биде утврден текстот на нацрт амандманите на Уставот. Веднаш потоа ќе бидат доставени до Собранието, за да се запази рокот од 15 дена што Владата го доби за прецизирање на деталите. Во нормативниот дел ќе биде вградена гаранција за идентитетот на македонскиот народ, потврди министерката Дескоска.

Оваа интервенција е направена по барање на Независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата. Пред два дена премиерот Заев го прифати барањето на осуммината опозициски пратеници кои поддржаа уставни измени, а попладнево Владата прво ним ќе им го презентира текстот.

Се допрецизира текстот на Преамбулата. Во неа ќе биде прогласот до македонскиот народ за одлуките од АСНОМ, но не и повикот од Манифестот за национална борба во соседните држави. Министерката Дескоска се согласува со премиерот Заев дека нема потреба да се отвара Пандорината кутија со различни барања. Во овој момент, вели таа, ќе се остават на страна другите прашања за кои треба да се менува Уставот, како што е ветото на претседателот, исклучувањето на министерот од Судскиот совет или уставната тужба.

 Со доставувањето на Нацрт-амандманите во Собранието, почнува да тече рокот од 30 дена до одржувањето на собраниската седница. Комисиската расправа најверојатно ќе почне на 6 ноември, а пленарната на 3 декември. За гласање во оваа фаза е потребно мнозинство од пратениците, односно 61 глас.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ