
Во ОТА вработени само инжинери од УБК кои не биле вмешани во нелегалното прислушување
Дури и СЈО било консултирано, кои инжинери од тајната полиција УБК може да бидат префрлени во новоформираната Оперативно техничка агенција –ОТА, која денеска на задниот ден од рокот почна да работи и да го спроведува новиот модел за следење на комуникации. Од МВР дошле вкупно 7-мина вработени во ОТА, тројца се од УБК, а за останатите вработувања допрва ќе се распишува оглас.
Речникот на СЈО провејуваше и во церемонијалниот говор на министерот Спасовски, откако МВР и УБК ја предадоа опремата за следење на ОТА. Сега за секое прислушување мора да има одлука од судот, а за надзор ќе се грижи и парламентарна комисија и граѓанско тело за надзор, како и омбудсманот и јавниот обвинител.
После УБК, прва од останатите институции која ќе ги користи услугите на ОТА ќе биде финансиската полиција чие опремување е при крај. Следење на комуникации во истрагите може да бара и обвинителството за кривични дела, како и царинската управа и военото разузнавање. И директорот и министерот тврдат дека незаконско прислушување немало од први јуни лани, а преку внатрешни контроли со офицери за безбедност се правеле проверки на неделно ниво и месечни извештаи. Последните истражувања а јавното мислење и натаму покажуваат дека речиси половина од граѓаните мислат дека има нелегално следење. ОТА е реформскиот инструмент кој треба да ги убеди во спротивното, а агенцијата ќе биде во центарот на Скопје во зградата на Телеком.
Миомир Серафиновиќ