
ОТА од денеска со полн капацитет, ветуваат професионално работење
Оперативно техничката агенција (ОТА) од денеска и официјално почнува да работи со полн капацитет, согласно позитивните законски прописи, информираа на денешната заедничка прес-конференција вицепремиерот и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски и директорот на ОТА, Зоран Ангеловски, согласно извештајот и препораките на работната група на Рајнхарт Прибе.
ОТА е создадена и ќе функционира како професионална агенција целосно независно тело, за кое, како што нагласи Ангеловски, не постојат никакви влијанија ниту од власта, ниту од опозицијата.
– ОТА целосно ќе го штити безбедносниот интерес на граѓаните на РМ на етички и транспарентен начин. Ве уверувам дека не постои ниту теоретска, ниту практична можност за злоупотреба на механизмите. Тврдам дека нема да ни се повторат „бомбите“ и нема да имаме афери од минатото. ОТА е максимално добро поставена, системот е тестиран и одговорно тврдам дека незаконско прислушување нема и нема да има, беше дециден на прес-конференцијата првиот директор на Агенцијата.
Според Ангеловски, моделот што е избран за функционирање на ОТА е соодветен на условите и е оптимално решение за Република Македонија. Систематизацијата е изготвена, подвлече, но тоа е класифициран документ. Согласно систематизацијата, 25 лица би била оптималната бројка вработени.
Во моментот ОТА функционира со технички кадар преземен од МВР односно со четворица од Бирото за јавна безбедност и тројца од Управата за безбедност и контраразузвнавање. Останатите вработувања ќе бидат преку јавен конкурс објавен на веб страницата на ОТЕ и во пишани медиуми.
– Лично моја одлука беше за преземените вработени кои се селектирани, немав никакв притисок. Луѓето се максимално коректни и исправни во однос на она што се случувало порано и не биле вмешани на ниту еден начин во она што се случувало во УБК. Беше консултирано дури и СЈО за да провериме дали тие лица имаат некаква поврзаност со аферата, истакна Ангеловски.
ОТА ќе води сметка и за застапеноста на етничките заедници во РМ во делот на бројот на вработените, како и за родовата застапеност. – Имам некаков концепт за тоа кои профил ни требаат, изјави Ангеловски.