
Македонија е 10-та на листата на Дуинг бизнис
10-то место во светот за Македонија во најновиот извештај на Дуинг бизнис, во однос на претходната година подобрување за една позиција, тоа значи за малку се подобриле условите за работа на фирмите. Рангирањето се прави врз основа на 10 критериуми, во конкуренција од 190 земји. Македонија е најдобра во однос на заштитата на малцинските акционери, каде е седма, а најслаба во однос на регистрирање имот и стартување бизнис, каде е на 46 и 47 позиција. Сме се подобриле и кај добивањето градежни дозволи, но полоши сме во снабдувањето со струја. Подоброто рангирање е спротивно на она што го тврдеше опозицијата, оти земјава ќе доживее уназадување, вели министерот Тевдовски, а на бизнисите многу ќе им помогне и интегрирањето во НАТО.
„Мислам дека е најважно тоа што го правевме како влада, а не се рангира со Дуинг бизнис, а тоа е што за разлика од порано не постојат оние политички притисоци врз фирмите, а Владата изврши и значајно повисок поврат на ДДВ“, вели Драган Тевдовски, министер за финансии.
Но, за бизнисот да може да се развива, земјава мора да инвестира во човечкиот капитал, што значи знаења, вештини и здравје на своите граѓани, каде сега заостануваме. Анализите на Светска банка говорат дека детето кое денеска се родило во земјава, ќе има дури 60 години кога ќе го достигнеме европскиот животен стандард. Овој период може да се преполови само ако подолг период се остваруваат стапки на раст повисоки од 3 проценти. Но за тоа се неопходни и значајни инвестиции во образованието, за тоа да стане квалитетно и да може да даде работници кои им требаат на компаниите.
„Во просек младите во регионот на Западен Балкан до 18 годишна возраст поминуваат 12,4 години во училиште. Сепак, стекнатото образование за овој период е еднаков на само 8,6 години квалитетно образование“, рече Сирил Мулер, потпретседател на Светска банка за Европа и Централна Азија.
Во минатиот период земјава недоволно вложувала во човечки капитал, се користи само 53 отсто од потенцијалот на граѓаните, за разлика од 75 во европските земји.
Во наредните 4 години, со 30 милиони евра од Светска банка ќе се подобрува пазарот на трудот и ќе се градат нови градинки и центри за социјална вклученост.
„Со новата програма очекуваме нови седум и пол илјади деца да бидат вклучени во градинка за периодот од четири години тоа значи зголемување до 50 проценти на вклучувањето на деца од 3 до 6 години во предучилишно образование“, рече Мила Царовска, министер за труд и социјална политика.
Светска банка која деновиве одбележува 25 години партнерство со земјава, досега има вложено 430 милиони евра за поддршка на човечкиот капитал.
Нина Нинеска-Фиданоска