
Сметот од пред домовите на борци на ОНА ќе се собира на трошок на општината
Хуман гест кој произлегува од Рамковниот договор, и кој не дискриминира другите жители на општина Сарај. Со овој став градоначалникот Блерим Беџети, поранешниот министер за правда ја брани одлуката општината да ослободи поранешни борци на ОНА од општински давачки. Оваа одлука за Беџети не е нова. Јавноста требала внимателно да следи што тој ветувал на локалните избори.
„Напротив, тоа беше мое изборно ветување, кое граѓаните на Сарај го поддржаа со тоа што ме избраа за градоначалник. Впрочем и Владата ослободува некои целни групи од плаќање на некои давачки“, кажа Блерим Беџети градоначалник на Општина Сарај.
Општина Сарај денес не знае колку борци дала општината во воениот конфликт во 2001-та. За медиумите Беџети, вели дека од утре ќе формира комисија која ќе ги регистрира и оценува барањата на оние кои ќе се пријават како борци на ОНА. Неофицијално станува збора за 15-тина ветерани кои ќе бидат ослободени од плаќање давачки. Од владата велат дека ќе почекаат, па ќе ја коментираат одлуката на општина Сарај.
Беџети на јавноста и е познат како дипломиран правник кој пред градоначалничката функција беше министер за правда, а зад себе веќе има еден мандат како градоначланик на Сарај. Сега општината ја води со поддршка од помалку од половина од вкупниот број гласачи во општината.
За година и половина менаџирањето со сметот во оваа општина втор пат стасува во медиумите. Веднаш по изборот на Беџети, дворот на општинската зграда осамна во ѓубре откако граѓани тврдеа дека јавното комунално прептријатие Сарај ги дискриминира жителите.
Сметот се собира од пред куќите на имотните граѓани, а оние кои редовно плаќаат давачки со денови живеат опкружени со смрдеа од напластениот смет пред домовите. Прашањето за правата на борците на ОНА првично се решаваше во собранието, во 2001-та беа амнестирани 900 активни борци коишто не можат да се здобијат со државни социјални права. Иницијатива за законски измени за посебни права за оваа категорија беше предложена во 2010, но Собранието ја одби.
Павле Беловски