
Зграда кај Мајчин дом ќе се гради
Зграда кај Мајчин дом ќе се гради. Уставните судии не најдоа неправилности во Деталниот урбанистички план за тоа место. Со тоа е исцрпена и последната опција на која се надеваше градоначалникот на Аеродром, Златко Марин. Тој призна дека веќе нема начин како да се справи со барањето на жителите таму да нема зграда.
- Општина Аеродром е обврзана да ја почитува одлуката на Судот, како институција со највисока надлежност за овој случај. За жал, исцрпени се сите механизми со кои Општината се обиде да го оспори ДУП И10 и да ја стопира изградбата на објектот кај Мајчин дом, соопшуваат од општина Аеродром.
Во иницијативата доставена до Уставен 12 физички и правни лица побарале укинување на спорниот ДУП. За нив, Генералниот урбанистички план не е во склад со Деталниот. Според судиите, не е во нивна надлежност да се мешаат во работата на локалната самоуправа. Тие имаа спротивставени ставови на седницата, но едногласно утврдија дека ДУП-от не е укинат и во правна сила.
- Во рефератот е дадена целосната фактичка состојба. Таму пишува дека ДУП-от е целосно усогласен со законот за урбанизам и просторно планирање, велат од Уставниот суд.
Градоначалникот Златко Марин може да ги искористи правните механизми со кои располага неговата општина и да поведе постапка за промена на спорните Детални урбанистички планови на територијата на Аеродром.
Петар Догов