ИК на Унијата на млади сили на ВМРО ДПМНЕ во оставка

По Унијата на жени и Унијата на млади сили на ВМРО ДПМНЕ остана без Претседател. Во образложението за неотповикливата оставка Претседателот на Унијата на млади сили Лука Кржаловски го обвини актуелното раководство за дворски игри, бегање од одговорност и од носењето на сериозни одлуки во клучни моменти. Според партискиот статут целиот Извршен Комитет на Унијата е во оставка. На својот ФБ профил Кржаловски напиша дека партијата во последниот период е преокупирана со дневна политика, популизам и задоволување на интересите на една мала група луѓе.  Нивната стратегија ја води партијата во целосна изолација.

„Гледаме дека има континуирано влошување на односите со клучните меѓународни фактори, кои што сакале ние да признаеме или не, имаат огромно влијание врз политичкиот живот во нашата држава и во поширокиот балкански регион. Ова е очигледно од се појасното дистанцирање на нашата партија од најмоќното политичко семејство на континентот – Европската Народна Партија – каде што лежат нашите вредности и интереси, уште од самото основање на ВМРО-ДПМНЕ.
Друг пример е фактот дека клучни носители на одлуки од американската администрација целосно одбиваат да дискутираат со моменталното раководство т.е. воопшто не ја сметаат нашата партија за релевантен фактор, напиша Кржаловски завршувајќи со реченицата Борбата продолжува!

Со давањето оставка  автоматски му се прекинува и членството во Извршниот Комитет. За само два дена  ВМРО ДПМНЕ  остана без првите луѓе на двете значајни тела. Си замина Даниела Рангелова заедно со нејзиниот тим. Oд функцијата координатор нa пратеничката група се повлече Драган Данев. На негово место назначен е Никола Мицевски. Незадоволството во партијата расте. Се ситни и пратеничката група. До пред неколку недели ВМРО ДПМНЕ и коалицијата имаа 51 пратеник, а сега 39. Не се исклучени превирања и во наредниот период. Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков кој беше исклучен од  Извршниот комитет и од партијата одби да коментира за оставките. Чека одговор  од Мицкоски за неговото писмо.

СДСМ посакува силна опозиција. Очекува промени во пратеничкиот состав.

Највисоките партиски тела на ВМРО ДПМНЕ треба да ги констатира оставките по што ќе распишат интерен оглас за избор на нови раководства на Унијата на жени и Унијата на млади сили.

 

Јулијана Лефковска

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ