Ќе гласаат ли исклучените пратеници за одземањe на мандатот на Груевски?!

Обвинетите пратеници не откриваат дали ќе гласаат за или против прашањето за одземање на мандатот на екс премиерот, сега пратеник Никола Груевски. Тие се дел од новоформираната осумчлена пратеничка група во Собранието, која се формираше по нивното исклучување од ВМРО-ДПМНЕ. За одземање на мандатот е потребно двотретинско мнозинство исто како и за уставните измени, каде нивниот глас беше пресудаен. Но, како и тогаш и денес не одговараат кое копче ќе го стиснат и дали со нивниот глас Груевски ќе ја напушти пратеничката функција. Само Арнаудов кусо искоментира дека и него му бил одземен имунитетот.

Собранието е тоа кое треба да одлучи дали Груевски по две годишната казна затвор е недостоен за вршење на пратеничката функција што е предуслов за одземање на мандат на пратеник. Но, за тоа  е потребно двотретинско мнозинство. Вчера престседателот на Комисијата за мандатно имунитетни прашања Павле Богоевски го прими известувањето дека Груевски е правосилно осуден. Седница се уште не закажа. За обвинувањата од Арнаудов кусо одговара дека не може да се прави паралела на двете ситуации за тоа што пратеникот Груевски е осуден за сосема друго дело, а не за 27-ми април. Груевски и покрај тоа што беше во суд за предметот „ТНТ“ не застана да даде изјава.

Инаку денеска на судењето за „Крвавиот четврток“ продолжи да се гледа снимката од безбедносните камери кои снимале во холот на Собранието пред кабинетот на тогашниот претседател Трајко Вељановски. Се гледа дека дури по повеќе од два часа од упадот се испукани првите шок бомби и почнува акцијата за извлекување, а пред тоа иако има полиција, таа не реагира. Се гледаат и доктори кои се растрчани и влегуваат во кабинети на пратеници. Оваа состојба ја следи обезбедувањето на Вељановски, Горан Ѓошевски кој е меѓу обвинетите во случајот.

Билјана Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ