
Новиот правилник ќе реши дали исклучените ќе плаќаат парно греење
До крајот на оваа година треба да се реши дилемата дали исклучените од парно греење ќе продолжат да добиваат сметки за парно греење, иако ваквата услуга не ја добиваат. Иако владата им вети дека во оваа грејна сезона тие ќе бидат ослободени од ваквата обврска, допрва ќе се подготвува правилник. Првиот човек на РКЕ Марко Бислимовски вели дека додека не се состават правилата не може со сигурност да се тврди дали во иднина исклучените ќе плаќаат или не.
Крајниот рок за овој документ е петти февруари а на него работи група формирана од претставници на граѓанското здружение „Но пасаран“, од регулаторната комисија и од компанијата снабдувач БЕГ. Постоечката методологијата налага секој корисник да плаќа фиксен надоместок.
Според бројките на „Но пасаран“, со овој проблем се соочуваат околу 12.000 фамилии во Скопје. Голем дел од нив имаат блокирани сметки и водат долги судски процеси во обид да докажат дека низ станот не им поминуваат никакви цевки и дека од никаде не добива топлинска енергија. Во обид да најдат решение тие 200 саботи по ред или 3,5 години протестираат пред просториите на БЕГ. Според „Но пасаран“ европските земји го решија како што велат проблемот со топлификациската мафија, па на пример во Хрватска, Бугарија, Босна и Херцеговина не се плаќа ваков паушал, уверуваат тие.
Виолета З. Стојановска